По повеќе од десет години целосно е исчистен каналот за наводнување во село Спанчево. Во соработка на Општина Чешиново – Облешево и АД Водостопанство, со специјални машини се пристапи кон чистење на каналот кој е од големо значење за земјоделците. Дополнително со ваквиот потег се отстранува ризикот од поплави, кои беа присутни при пообилни врнежи од дожд.
„Станува збор за 11,4 метри канал кој прибира 36 метри кубни вода и самото тоа кажува дека е од огромно значење. Сега целиот е исчистен со средства на АД Водостопанство, имаме специјализирани машини за чистење на овој канал. После 2011 година за жал ова е прво чистење на овој канал. Се надеваме дека месното население нема да пристапува кон фрлање на смет и шут“ – вели Филипов.
Општината е со идеја потегот покрај каналот во село Спанчево наредниот период да биде уреден со што ќе преставува убава глетка, наместо проблем.
„Овде сме на размислување овој дел да не биде проблем туку да биде убава глетка. Овде имаме идеја да направиме кеј на каналот“ – вели Костадинов.
Во меѓувреме од АД Водостопанство посочија дека акумулацијата Калиманци е полна со вода што значи дека и наводителната сезона ќе започне навремено. Согласно барањата на земјоделците ќе биде пуштена и првата вода во нивните, во зависност од културата која треба да се одгледува.
„Една работа е да имаме полни акумулации, друга работа е таа вода да не се испушта непотребно.“ – вели Филипов.
Во меѓувреме од АД Водостопанство потенцираа дека остануваа ажурни на терен и во наредниот период со цел чистење на вадите и каналите кои претходно беа вистински проблем за земјоделсците. Дополнително апелираа и самите земјоделци да не фрлаат ѓубре во каналите за да може да се користат.