Закани, навреди, а понекогаш и физички напади – повеќе од 70% од лекарите во земјава се соочиле со насилство на работното место, предупредува Лекарската комора. Од таму бараат институциите побрзо и поефикасно да постапуваат по секој пријавен инцидент.
Според Комората, бавната институционална реакција е една од главните причини зошто многу лекари воопшто не пријавуваат вакви случаи.
Претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева Старделова, вели дека дел од нападите завршуваат и со физичко насилство.
„Додека зборев на телефон, ме удри. Ми излета и се распарчи службениот телефон. Јас одам на работа за да лекувам луѓе, не одам да ме навредуваат или напаѓаат. Случајот го пријавив кај двајцата директори, во Министерството за здравство и во МВР. Кога подоцна проверивме со Јавното обвинителство, се покажа дека со години никој не нè повикал“, вели таа.
Од Комората предупредуваат дека ваквите инциденти оставаат и сериозни психолошки последици врз здравствените работници.
Психијатарот д-р Карди Хаџихамза посочува дека дел од лекарите по нападите морале да побараат и медицинска помош.
„Имаме колеги кои мораа да примаат терапија по вакви настани. Сепак продолживме да ги лекуваме луѓето, но прашањето е до кога и под какви услови“, вели тој.
Од Министерството за здравство признаваат дека проблемите во здравствениот систем – долгото чекање и хаосот во болниците – често создаваат фрустрации кај пациентите.
Министерот Азир Алиу најави подобрување на условите и за пациентите и за медицинскиот персонал.
„Ќе го подобриме системот за закажување термин, бидејќи од таму почнуваат првите фрустрации. Планираме и дигитални информации за пациентите за да знаат колку треба да чекаат. Само така може да изградиме систем во кој ќе бидат заштитени и лекарите и пациентите“, рече Алиу.
Со измените на Кривичниот законик во 2023 година, нападот врз медицинско лице се третира како напад врз службено лице.
Сепак, според податоците на Министерството за внатрешни работи, минатата година биле поднесени само две кривични пријави за напад врз здравствен работник – едниот случај во Скопје со двајца сторители, а другиот во Штип.