Економијата на Северна Македонија бележи стабилен раст, но и понатаму се соочува со ризици, пред сè поврзани со инфлацијата и глобалните економски движења, предупредува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Според најновиот извештај, економскиот раст достигнал околу 3,5 % во 2025 година, главно поттикнат од инвестициите во градежништвото и зголемената приватна потрошувачка.
Истовремено, инфлацијата бележи пад и изнесува околу 2,9 % на почетокот на 2026 година, иако цените на храната и понатаму остануваат на високо ниво.
ММФ предупредува на опасност од повторен инфлациски скок, особено поради можните енергетски шокови поврзани со глобалните конфликти. Според проекциите, инфлацијата би можела да достигне околу 4,5 % во 2026 година, додека економскиот раст би можел благо да забави до 3,1 %.
Во однос на јавните финансии, буџетскиот дефицит е задржан на околу 4 % од БДП, додека јавниот долг се движи околу границата од 60 %, што според Фондот налага внимателно управување.
Од ММФ препорачуваат постепено намалување на буџетскиот дефицит, подобра наплата на даноците и продолжување на реформите, особено во пензискиот систем, со цел да се одржи економската стабилност на среден рок.
И покрај позитивните трендови, Фондот нагласува дека доматната економија останува чувствителна на надворешни влијанија, поради што се потребни претпазливи економски политики и навремени мерки.