Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека образованието мора да биде темел на развојот на државата, истакнувајќи дека без силни универзитети нема силна економија и модерна држава. Тој ова го изјави на свеченоста по повод поставувањето камен-темелник на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
„Нашата визија е јасна – образованието мора да биде темел на развојот на државата. Нема силна економија без силни универзитети, нема модерна држава без образовани и мотивирани млади луѓе“, истакна Мицкоски во своето обраќање.
Според него, изградбата на новиот кампус претставува инвестиција во иднината на државата и потврда за определбата на Владата да вложува во знаење, младите и развојот на високото образование.
Новиот универзитетски кампус ќе се гради на површина од околу 31.000 квадратни метри и ќе содржи современи амфитеатри, училници, студентски простории, спортски сали и други содржини наменети за модерно високо образование.
Вкупната вредност на инвестицијата е околу 42 милиони евра, од кои најголемиот дел се наменети за изградба на објектите, додека дел од средствата се предвидени за надзор на градежните работи.
Владата очекува со изградбата на новиот кампус да се подобрат условите за студирање и научна работа, како и да се создаде современа академска средина за студентите и професорите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.