Премиерот Христијан Мицкоски денеска јасно стави до знаење дека Владата во моментов не размислува за измена на највисокиот правен акт во државата. За време на тркалезната маса посветена на воведувањето уставна жалба, тој децидно изјави дека политичките услови за отворање на Уставот сè уште не се исполнети.
Иако политичкиот амбиент не дозволува уставни измени, Мицкоски нагласи дека се работи на правната архитектура за воведување на инструментот „уставна жалба“. Според него, Уставниот суд веројатно веќе го подготвува нацрт-законот кој треба да биде предмет на широка јавна и стручна дебата.
„Се надевам дека набргу може да се излезе со таков предлог-закон, да се има јавна дебата и да се чуе мислењето на стручната фела. Кога ќе се создадат политички услови, тој документ ќе биде донесен“, изјави премиерот, додавајќи дека неговото присуство на денешниот настан е силна порака за поддршка на реформите во правосудството.
Целта на овој специјален закон е да им овозможи на граѓаните директен механизам за заштита на нивните права пред Уставниот суд, но неговата имплементација ќе почека на поповолна политичка клима во Собранието.