Контролор на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) бил физички нападнат од патник кој бил затекнат без возна карта, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според пријавата, инцидентот се случил вчера наутро, околу 08:20 часот, кога 42-годишниот контролор, при вршење на службените задачи, затекнал 61-годишен маж без билет. Патникот прво почнал да му се заканува на службеното лице, по што насилно го извлекол од автобусот и физички го нападнал.
Нападот продолжил и неколку минути подоцна. Како што соопшти МВР, контролорот успеал да влезе во друг автобус на ЈСП за да се заштити, но на следната постојка повторно бил пресретнат и нападнат од истото лице, овојпат во придружба на уште двајца мажи.
Случајот е пријавен во СВР Скопје истиот ден во 13:00 часот. Полициските служби работат на целосно расчистување на настанот и утврдување на идентитетот на сите инволвирани лица.