Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

Докторка од охридската Кардиолошка болница ја обвинува директорката за злоупотреба на положбата

Д-р Виолета Мојсовска Наумоска, специјалист по интервентна кардиологија во Кардиолошкиот центар „Св. Стефан“ во Охрид, преку допис до медиумите ја обвинува директорката за злоупотреба на положбата и недозволена опструкција на нејзиниот професионален развој.


– Пред една недела, д-р Мојсовска Наумоска ја доби престижната стипендија за едукација и професионална надградба во полето на интервентната кардиологија, доделена од Европската асоцијација за перкутани кардиоваскуларни интервенции (EAPCI), дел од Европското кардиолошко здружение (ESC). Оваа стипендија е признание за нејзината стручност и посветеност, и претставува извонредна можност за стекнување на најнови знаења и вештини кои се од витално значење за унапредување на кардиолошката нега во нашата земја. Меѓутоа, наместо институционална поддршка и гордост за овој успех, д-р Мојсовска Наумоска се соочува со невидени обиди за опструкција. Денес, добивме информација дека лично директорката на Кардиолошки центар „Св. Стефан“, Билјана Теговска, испратила документ до Европското здружение на кардиологија со барање стипендијата да ѝ се одземе на д-р Мојсовска Наумоска, под изговор дека нема институционална поддршка. Ваквите постапки се во директна спротивност со законските одредби кои го регулираат континуираното стручно усовршување на докторите на медицина. Според Член 1 од Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина, овој закон го уредува токму континуираното стручно усовршување на докторите на медицина, следењето на новите сознанија во медицината и унапредувањето на знаењето и практичните вештини. Понатаму, Член 7 став (1) од истиот закон експлицитно ја утврдува обврската на докторите на медицина, специјалистите и супспецијалистите вработени во јавните здравствени установи да следат обуки и други облици на стручно усовршување. Оваа обврска е дополнително зајакната со Член 9 став (3), кој предвидува дека неспроведувањето на стручното усовршување претставува дисциплинска неуредност. Најважно, Член 8 став (3) од Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина јасно пропишува дека доколку за доктор на медицина е обезбедена обука во здравствена установа во странство, директорот на јавната здравствена установа во која е вработен докторот на медицина е должен истата да ја овозможи. Непочитувањето на оваа обврска повлекува глоба во износ од 2.000 до 2.500 евра во денарска противвредност за директорот на здравствената установа, согласно Член 16 став (4) од истиот закон. Од аспект на Законот за здравствената заштита, директорката Теговска, како раководен орган, е одговорна за законитоста на работењето на јавната здравствена установа, како што е утврдено во Член 104 став (1). Нејзините дејствија, кои директно го попречуваат стручното усовршување на д-р Мојсовска Наумоска, претставуваат кршење на оваа одговорност. Дополнително, Член 111 став (1) точка 3) од Законот за здравствената заштита предвидува разрешување на директор доколку работи и постапува спротивно на овој и друг закон. Освен тоа, ваквите обиди за опструкција може да се толкуваат како дискриминација во работниот однос. Според Член 7 став (4) од Законот за работните односи, дискриминацијата е забранета во однос на напредувањето во работата и пристапот до сите видови и степени на стручно оспособување. Доколку овие дејствија се мотивирани од лични околности или претходни обиди за дискредитација, тие може да потпаднат под дефиницијата за дискриминација од Член 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, која забранува секое разликување, исклучување или ограничување што има за цел или резултат спречување на уживање или остварување на правата и слободите, стои во дописот до медиумите, испратен од д-р Мојсовска Наумоска.


Таа додава дека ова е последен во низата обиди за нејзина дискредитација и опструкција на нејзиниот напредок и стручно усовршување, кое трае неколку години. Бара итна реакција од надлежните институции, вклучувајќи го Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, за да се прекинат овие недозволени дејствија.


Последни теми