Продавачите меѓусебно се договараат за поскапувањето на цените на производите на штипскиот пазар – тврдат дел од анкетираните граѓани. Велат дека цените се речиси исти на сите тезги, па немаат многу избор од каде да купат. Кружат низ пазарот во потрага по поевтини производи, но велат дека на крај сепак мора да купат, бидејќи храна мора да се обезбеди.
Производителите, пак, прашани за ваквите тврдења, категорично ги негираат. Велат дека цената на производите зависи од временскиот период и сезоната. Иако на пазарот има и прекупци, децидни се дека сите работат легално и без меѓусебни договори, а ваквите муабети, според нив, се празни.
,,Тоа може само некој да го изведува, овој ред од пазарот сме се производители, домашно, додека во средината точно дека се прекупци, али тие си работат со документ со се. Цената се одредува спрема временските периоди.“, велат земјоделците
Според производителите, цената најмногу зависи од сезоната. Додаваат дека е нормално во овој период од годината цените на летните производи да бидат повисоки, поради трошоците, давачките и тешките услови за производство. Предупредуваат дека доколку состојбата продолжи вака, за неколку години домашното производство би можело значително да се намали, а пазарот да стане зависен од увоз.