По повеќе од една деценија градба, автопатот Кичево–Охрид повторно добива нов рок и нова финансиска рамка. Собранието со 63 гласа „за“ ги изгласа законските дополнувања што овозможуваат потпишување на Анекс бр. 8 на договорот меѓу ЈП за државни патишта и кинеската компанија „Синохидро“, со што се отвора пат за дополнителни 186 милиони евра и пролонгирање на рокот за завршување до 31 мај 2027 година.
Со анексот, рокот за изведба се продолжува за 151 ден, односно од 4.627 на 4.778 дена, а дополнително се обезбедува време и за добивање употребна дозвола. Во образложението се наведува дека пролонгирањето е поради непредвидени и дополнителни работи – стабилизација на свлечишта, изградба на 14 галерии, поставување еластична одбојна ограда според европски стандарди, изградба на паралелни пристапни патишта и контролен центар за тунелите.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека со овој анекс „конечно ќе се заврши автопатот“, нагласувајќи дека дел од проблемите произлегуваат од тоа што при изработката на првичниот проект во 2013 и 2014 година не биле направени соодветни геотехнички истражувања. Токму поради тоа, како што рече, се јавиле дополнителни свлечишта и потреба од нови технички решенија.
Надзорот – Градежниот институт Македонија – оцени дека рокот до 31 мај 2027 година е технички оправдан и реално остварлив, но под услов изведувачот да обезбеди добра организација, а инвеститорот навремено финансирање. Продолжувањето на рокот е во согласност со правилата на FIDIC Red Book, кои дозволуваат пролонгирање во случај на значителни промени на обемот на работите.
Проектот, чија изградба започна во мај 2014 година, првично требаше да биде завршен до јануари 2018 година, со договорена вредност од 411 милиони евра за 56,7 километри автопат. Со анексите што следеа во изминатите години, вредноста на договорот беше зголемена за околу 187 милиони евра, а рокот пролонгиран за шест години, до крајот на 2023 година. Со новите 186 милиони евра, финансиската конструкција дополнително се проширува.
Според податоците на ЈП за државни патишта, заклучно со крајот на минатата година реализирани се 557.985.782 евра, што претставува 93,3 проценти од тогаш предвидената вредност. До ноември 2023 година инвестициите достигнаа приближно 575 милиони евра. Дел од трасата веќе е пуштен во употреба – во јули лани беа отворени 20 километри од Врбјани до Ботун, а во септември уште 17 километри од Климештани до Охрид.