Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска во кругот на Министерството за внатрешни работи присуствуваше на церемонија на примопредавање на донација од Германија, на која присуствуваше и амбасадорката Петра Дрекслер, како и претставници од Канцеларијата за врски на Сојузната полиција на Германија.
Донацијата, во вкупна вредност од околу 600.000 евра реализирана во претходниот период, опфаќа моторни возила, термовизиски камери, компјутерска опрема и софтвери, специјализирани уреди за проверка на документи, како и специјални возила за воздухопловната единица.
Оваа опрема е наменета за унапредување на капацитетите на Министерството во делот на граничното управување, борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, криминалистичко-разузнавачката анализа и форензичките испитувања.
Министерот Тошковски истакна дека донацијата претставува симбол на довербата и силното партнерство меѓу двете земји.