Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти нови информации за состојбата со македонските државјани на Блискиот Исток, во услови на актуелни безбедносни предизвици во регионот.
Според официјалните податоци, досега вкупно девет лица побарале асистенција за евакуација од Израел. Од Министерството информираат дека воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник, што директно влијае врз можностите за организирање евакуација.
По неговото повторно отворање, ќе бидат разгледани различни опции и модели за евентуално извлекување, во согласност со моменталните околности и безбедносната проценка.
За разлика од Израел, во дипломатско-конзуларните претставништва во Доха и Абу Даби до овој момент не е поднесено ниту едно барање за евакуација. Македонските амбасади во регионот остануваат во постојан контакт со граѓаните и се целосно на располагање за поддршка, информации и координација.