Измените на Законот за Влада, со кои се предвидува укинување на т.н. „пржинска“ влада, се веќе доставени во собраниска процедура, информираат од надлежните институции.
Од Министерството за администрација посочуваат дека досегашниот модел на техничка влада пред избори се покажал како нефункционален и финансиски неоправдан, поради што се предлага негово укинување.
Од друга страна, опозициската СДСМ остро реагира на овој потег, обвинувајќи ја власта дека се обидува „шверцерски“ да протне законски измени и да го укине, како што велат, единствениот преостанат механизам за контрола во изборниот период.
Од партијата додаваат дека ваквата иницијатива доаѓа во период на намалена доверба на граѓаните кон владејачката структура, упатувајќи директни политички критики кон премиерот Христијан Мицкоски и неговите коалициски партнери.
„Пржинската“ влада беше воведена како дел од политичкиот договор од Пржино во 2015 година, со цел да се обезбедат фер и транспарентни избори преку вклучување на опозицијата во извршната власт во предизборниот период.
Предлог-измените сега отвораат нова политичка дебата околу изборниот процес и механизмите за контрола, а се очекува прашањето да биде предмет на широка расправа во Собранието во претстојниот период.