Загрепската полиција лиши од слобода 25-годишна државјанка на Македонија, под сомнение за учество во добро разработена телефонска измама во која 87-годишна жена била оштетена за вкупно 40.000 евра.
Според полициската истрага, измамата била извршена преку добро познатото сценарио за „лажна медицинска итна ситуација“. Жртвата била контактирана од лица кои лажно се претставиле како здравствени работници, тврдејќи дека нејзината ќерка е во критична состојба и дека е неопходна итна операција за да ѝ се спаси животот. За измамата да биде поуверлива, во разговорот бил вклучен и женски глас кој ја имитирал ќерката, со што кај старицата бил создаден огромен психолошки притисок и чувство на паника.
Под влијание на лажните информации, жената ја подготвила бараната сума пари. Веќе следниот ден, осомничената пристигнала на нејзината домашна адреса со такси-возило, ги презела парите и исчезнала во непознат правец.
По брзата и координирана реакција на полициските служби, осомничената е лоцирана и уапсена, а против неа е поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство. Истрагата продолжува со цел пронаоѓање на уште две лица, исто така македонски државјани, кои се поврзуваат како соучесници во овој случај.