Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

Зеленски: Русија нема намера да ја заврши војната, Киев се подготвува за нови напади

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека Русија нема намера да ја заврши војната и дека Киев се подготвува за понатамошни напади.


Зеленски ги даде овие коментари додека прекинот на огнот, постигнат со посредство на САД и поврзан со 81-годишнината од победата над нацистичка Германија, се приближува кон крајот.


„Денеска немаше молк на линијата на фронтот. Русија нема намера да ја заврши оваа војна и, за жал, се подготвуваме за нови напади“, рече Зеленски во своето редовно вечерно видеообраќање до нацијата.


Двете страни соопштија дека борбите продолжиле долж фронтовската линија и покрај прекинот на огнот, при што меѓусебно се обвинија за напади со беспилотни летала и артилериски дејствија. Украина и Русија во петокот се согласија за прекин на огнот од 9 до 11 мај, како дел од американските напори за постигнување мир по повеќе од четири години војна предизвикана од руската инвазија во 2022 година.


Американскиот претседател Доналд Трамп (Donald Trump) во петокот изјави дека се надева оти прекинот на огнот ќе биде продолжен, но веќе во неделата се појавија нови тензии на теренот.


По одбележувањето на Денот на победата, рускиот претседател Владимир Путин во саботата изјави дека смета оти војната се движи кон завршница. Тој истакна дека е подготвен да разговара за нови безбедносни аранжмани за Европа, при што го посочи поранешниот германски канцелар Герхард Шредер како можен партнер за разговори.


Сепак, европските министри за надворешни работи, кои вчера се состанаа во Брисел, го отфрлија предлогот за улогата на Шредер, посочувајќи ги неговите врски со руски државни компании и блиските односи со Путин.

Последни теми