Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

Вештачката интелигенција и социјалните мрежи шират дезинформации за холокаустот

Наставници во училиштата низ Холандија предупредуваат на зголемено ширење дезинформации поврзани со холокаустот меѓу учениците, кои најчесто се пренесуваат преку социјалните мрежи и содржини генерирани со вештачка интелигенција (ВИ).


Според истражувањето на холандскиот јавен сервис „НОС сторис“ (NOS Stories), во кое учествувале повеќе од 190 наставници од средните училишта, младите сè почесто поставуваат прашања поттикнати од видеа и објави со неточни информации на интернет.


Наставникот по историја, Мартен Пост, истакнува дека учениците сè потешко разликуваат што е вистина, а што манипулација.

„Поради влијанието на вештачката интелигенција и платформата ТикТок (TikTok), учениците веќе не знаат да ги препознаат фактите од лагите“, вели Пост, додавајќи дека е клучно тие да се советуваат со наставниците наместо да носат заклучоци врз основа на содржини од социјалните мрежи.


Во еден од примерите наведени во истражувањето, ученици покажале видео во кое лажно се тврдело дека за време на холокаустот биле убиени 271.000 Евреи — бројка што драстично отстапува од историски утврдените факти. Според Меморијалниот музеј на холокаустот на САД, во овој период низ Европа биле убиени околу шест милиони Евреи.


Истражувањето открива дека една третина од анкетираните наставници сметаат дека знаењето на учениците за холокаустот е недоволно, додека четири од десет наставници оцениле дека дел од учениците ја минимизираат сериозноста на трагедијата.


Проблемот не е ограничен само на Холандија. Германски институции претходно упатија апел до социјалните мрежи да преземат итни мерки против ширењето манипулативни содржини. И музејот „Аушвиц“ предупреди дека вештачката интелигенција се користи за создавање лажни фотографии на жртвите.


Минатата година, платформата „Грок“ (Grok) на Илон Маск се соочи со остри критики поради генерирање неточни одговори поврзани со холокаустот по последното ажурирање на системот.

Последни теми