Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли најновиот мировен предлог од Иран за ставање крај на десетнеделниот конфликт, нарекувајќи го „целосно неприфатлив“.
Иранската новинска агенција „Тасним“ соопшти дека одговорот на Техеран, испратен со посредство на Пакистан, вклучувал барање за моментален крај на војната на сите фронтови, прекин на американската поморска блокада на иранските пристаништа и гаранции дека нема да има нови напади.
„Штотуку го прочитав одговорот од таканаречените ирански ‘претставници’“, напиша Трамп на социјалните мрежи, додавајќи дека предлогот е „ЦЕЛОСНО НЕПРИФАТЛИВ“.
По неговата објава, вредноста на американскиот долар продолжи да расте во однос на другите водечки светски валути.
Според извештајот на „Волстрит џурнал“ (Wall Street Journal), Иран понудил дел од резервите на високо збогатен ураниум да бидат префрлени во трета земја, но ја отфрлил можноста за демонтирање на нуклеарните постројки. Полуофицијалната агенција „Тасним“ подоцна ги демантираше овие наводи, соопштувајќи дека информациите не се точни.
Во соопштението, Иран побарал итен прекин на војната, ослободување на замрзнатите средства, укинување на американските санкции за продажба на нафта и прекин на блокадата во Оманскиот Залив. Државната телевизија „ИРИБ њуз“ (IRIB News) објави дека Техеран го отфрлил планот на Трамп бидејќи го смета за капитулација, инсистирајќи САД да платат воена отштета.
Според претходниот предлог на Вашингтон, Иран би дозволил премин низ Ормускиот теснец, додека САД би ја прекинале блокадата на иранските пристаништа, по што би следувало отворање на нови нуклеарни преговори.