Два авиона со патници од крузерот „МВ Хондиус“ (MV Hondius), на кој изби епидемија на хантавирус, денеска слетаа во Холандија под строги здравствени и безбедносни протоколи.

Според светските медиуми, авионите пристигнале на аеродромот во Ајндховен денеска, 12 мај 2026 година, откако патниците претходно беа евакуирани од шпанскиот остров Тенерифе, каде што бродот беше ставен под здравствен надзор.
На летовите имало вкупно 28 патници, меѓу кои и осум холандски државјани. Дел од нив веднаш се префрлени во карантин, додека останатите ќе ги продолжат патувањата кон своите матични земји под посебни протоколи за следење на здравствената состојба.

Холандските власти потврдија дека дел од медицинскиот персонал во болница во Најмеген е ставен во превентивен карантин по контакт со примероци поврзани со вирусот. Здравствените служби нагласуваат дека ризикот за пошироката јавност и понатаму се оценува како низок.
Во меѓувреме, бродот „МВ Хондиус“ продолжува кон Холандија, каде што се очекува да пристигне на 17 мај, по што ќе биде подложен на целосна дезинфекција и санитарен третман.

Епидемијата на крузерот предизвика меѓународна загриженост откако досега беа потврдени три смртни случаи – холандски брачен пар и германски државјанин. Светската здравствена организација (СЗО) потврди најмалку седум случаи на реткиот тип на хантавирус „Андес“ (Andes), кој во специфични услови може да се пренесува и од човек на човек.