Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

Шпанија започна евакуација на патниците од крузерот „Хондиус“ поради појава на хантавирус

Шпанија започна опсежна операција за евакуација на патниците од крузерот „Хондиус“ (MV Hondius), на кој е регистрирана појава на хантавирус, откако бродот утрово пристигна во близина на Тенерифе.


Бродот, кој испловил од јужна Аргентина на 1 април, е закотвен во близина на пристаништето Гранадиља де Абона, но не му е дозволен директен влез во терминалот. Околу него е воспоставена безбедносна зона, додека медицински и безбедносни тимови ја спроведуваат евакуацијата.


Шпанското Министерство за здравство соопшти дека специјализирани медицински тимови се качиле на бродот за да извршат финални здравствени проверки на патниците и членовите на екипажот. Патниците со помали чамци се префрлаат до копното, од каде со автобуси се транспортираат до аеродромот на Тенерифе за враќање во нивните матични земји.


Шпанската министерка за здравство, Моника Гарсија, изјави дека станува збор за операција „без преседан“, со координација меѓу 23 држави. Според официјалните податоци, на бродот има 149 лица, а досега се потврдени три смртни случаи поврзани со вирусот – брачна двојка од Холандија и еден германски државјанин.


Светската здравствена организација (СЗО) досега потврди шест случаи на хантавирус, додека уште два се водат како сомнителни. Иако кај лицата кои се евакуираат во моментов нема симптоми, здравствените власти ги третираат како контакти со висок ризик. Властите во Велика Британија најавија дека нивните државјани по пристигнувањето ќе бидат ставени во изолација и под медицински надзор.


И покрај засилените мерки, кај дел од локалното население на Тенерифе постои загриженост. Шпанските власти уверуваат дека ризикот за јавноста е минимален и дека на бродот не биле пронајдени глодари, кои се главни преносители на овој вирус.


„Веројатноста глодар од Андите да стигне до Канарските Острови е практично нула“, изјави државниот секретар за здравство, Хавиер Падиља.

Последни теми