Акциите на американскиот технолошки гигант „Nvidia“ забележаа силен раст откако САД ја одобрија продажбата на напредните чипови за вештачка интелигенција (ВИ) од серијата H200 на десетина кинески компании. Меѓу нив се најдоа и гигантите „Alibaba“, „Tencent“, „ByteDance“ и „JD.com“.
Според агенцијата „Ројтерс“, американските власти издале дозвола за набавка на овие високотехнолошки компоненти, иако конкретните испораки сè уште не се започнати. Доцнењето се должи на дополнителните безбедносни услови и актуелните политички тензии на релација Вашингтон–Пекинг.
По објавувањето на оваа вест, вредноста на акциите на „Nvidia“ порасна за повеќе од 2% во претпазарното тргување, со што пазарната капитализација на компанијата надмина 5,5 трилиони долари.
Извршниот директор на „Nvidia“, Џенсен Хуанг, изјави дека кинескиот пазар за вештачка интелигенција претставува стратешка можност за компанијата, проценувајќи дека неговата потенцијална вредност достигнува околу 50 милијарди долари на годишно ниво.
Сепак, конечната реализација на договорите останува под знак прашалник. Дел од кинеските власти се резервирани кон американските ограничувања и специфичните услови поврзани со користењето на чиповите. Во меѓувреме, Кина продолжува интензивно да инвестира во развој на сопствени домашни решенија кои би биле директна конкуренција на американскиот производител.