Околу 18 рудари останаа заглавени под земја во рудникот „Трепча“ во северниот дел на Косово, откако претходно беа блокирани вкупно 47 работници поради прекин на електричната енергија. Иако дел од рударите успеаја самостојно да излезат, останатите сè уште ја чекаат евакуацијата.
Претседателот на синдикатот на рударите, Ибрахим Јонизи, изјави дека состојбата на заглавените работници засега е стабилна и дека со нив е воспоставена редовна комуникација. Сепак, тој предупреди дека ситуацијата може да стане критична доколку тие останат затворени во јамите подолг временски период.
Според официјалните информации од компанијата, дефектот се случил околу 01:30 часот по полноќ, кога дошло до целосен прекин на снабдувањето со струја во рудникот „Стан Трг“. Како последица на овој дефект, сериозно се оштетени делови од трафостаницата и клучни точки во електроенергетскиот систем на комплексот.
Надлежните служби и спасувачките екипи се веќе на терен и интензивно работат на безбедно извлекување на рударите и стабилизирање на мрежата. Според последните извештаи, до овој момент нема податоци за повредени лица.
Рудникот „Трепча“ важи за еден од најголемите рударски комплекси на Балканот, но веќе со години се соочува со застарена инфраструктура. Ова не е прв ваков случај годинава — слични инциденти со заглавени работници поради дефекти беа регистрирани и во изминатите месеци.