Делегација на Армијата на Република Северна Македонија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од 11 до 13 мај 2026 година ќе престојува во официјална посета на Вооружените сили на Албанија.
За време на посетата, генералот Лафчиски ќе оствари средба со својот колега, началникот на Генералштабот на албанските вооружени сили, генерал-потполковник Арбен Кинџи, а предвидена е и средба со министерот за одбрана, Ермал Нуфи.
Фокусот на разговорите ќе биде ставен на унапредување на билатералната воена соработка, размена на искуства, зајакнување на регионалната и колективната безбедност, како и на соработката при справување со кризни ситуации.
Во рамки на посетата, Лафчиски ќе го посети Полкот за специјални операции на албанските вооружени сили, каде што ќе присуствува на демонстрација на дел од нивните оперативни способности.
Од Армијата посочуваат дека посетата претставува потврда за соработката и партнерските односи меѓу двете армии, како и за заедничката посветеност кон колективната безбедност во рамки на НАТО.