Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

ВЛЕН: Општините треба самостојно да ги одредуваат развојните приоритети

Коалицијата ВЛЕН соопшти дека децентрализацијата е во срцето на нивната политичка визија, нагласувајќи дека демократијата не се мери само на државно ниво, туку и преку секојдневниот живот на граѓаните – во општините, маалата, училиштата и преку квалитетот на локалните услуги.


Од коалицијата порачаа дека нивниот пристап подразбира суштинска промена во улогата на локалната самоуправа, при што општините треба да добијат реална автономија, стабилни финансии и можност самостојно да ги креираат своите развојни политики.


Во фокусот, како што наведуваат, е фискалната децентрализација, како и отворањето простор за поинтензивна прекугранична соработка и зајакнување на локалната економија. Посебен акцент, според ВЛЕН, треба да се стави на улогата на локалните власти во образованието, особено во основното и средното, како дел од пошироката идеја за пренесување поголеми надлежности на локално ниво.


Како пример за ваквиот концепт го посочуваат проектот Тетово – Призрен, кој според нив треба да биде модел за инфраструктурно и економско поврзување меѓу заедниците од двете страни на границата.


Во соопштението, од коалицијата упатија и критики кон политичките противници, тврдејќи дека зад себе оставиле запоставени општини со недоволни услуги и без развојна перспектива. ВЛЕН најавува нов пристап кон локалното управување, во кој општините нема да бидат само административни единици, туку двигатели на локалниот развој и економијата.

Последни теми