На следните парламентарни избори нема да има политички партии што ќе останат без државни пари за рекламирање, како што им се случи на движењето ЗНАМ и на Левица на гласањето пред две години. Подготвеност и конкретни предлози како да се отстрани спорната недореченост во сè уште актуелниот Изборен законик биле искажани на седницата на работната група за промени во овој законски акт. Членовите на групата, на својата петта седница, најголем дел од расправата посветиле на наоѓањето решение во иднина да не се случи ваква дискриминација на дел од партиите. Двете партии претходно останаа без државни пари со кои требаше да ја платат кампањата во медиумите откако произлезе дека во Законикот нема одредба што би овозможила нивните пратенички групи, кои тогаш имаа по шестмина пратеници, да добиваат средства од државниот буџет. Наспроти ова, сите други учесници на парламентарните избори можеа да сметаат на одреден дел од државните пари.
Еден од учесниците во работата на меѓупартиската група изјави дека решението е на повидок и дека има неколку прифатливи варијанти.
„Предлог за решение има од претставниците на неколку партии, и сите се издржани. Има и расположение да се најде решение и мислим дека брзо ќе се дојде до него. Идејата е сите партии што ќе освојат макар и еден пратеник на изборите, да имаат право да добијат пари за кампања од државниот буџет. Се разбира, за тоа ќе треба да се направи соодветен сооднос со кој износот на парите ќе зависи од бројот на освоени пратенички места. Во секој случај, да не се повтори ситуацијата партијата да има и по шестмина пратеници, а да не смее да добие пари за својата кампања“, наведува изворот.
Договорот што е постигнат на седницата предвидува претставниците на партиите до 29 мај да ги достават своите финални предлози за идните законски формулации. На следното средување, кое е закажано за 2 јуни, се очекува да се пресече околу конечното решение, кое би било предложено за усвојување заедно со сите други договорени промени.
Во Изборниот законик, во членот 75-ѓ е наведено дека најмногу 45 отсто од рекламниот простор може да им се даде на двете најголеми политички партии од позицијата што на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови. Исто така, најмногу 45 проценти од рекламниот простор може да им се даде на двете најголеми политички партии во опозиција што на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови. Покрај ова, најмногу 7 отсто од рекламниот простор може да им се даде на политичките партии во Парламентот што на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и најмногу 3 проценти од рекламниот простор може да им се даде на политичките партии што не се застапени во Собранието.
Работната група, на последната седница, не го отворила прашањето за промената на изборниот модел – од шест во една изборна единица. На претходните средби, членовите на групата договорија десетина измени врз основа на барањата на ОБСЕ и ОДИХР. На оваа седница не присуствуваа членовите од редот на опозицискиот СДСМ, кои ја напуштија работата поради неодамнешното укинување на пржинската влада од страна на Собранието.
Извор: Вечер