Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија денеска во Брисел разговараа за проширувањето и реформите во земјите кандидати од Западниот Балкан, како и за соработката во областа на безбедноста и справувањето со кибернапади.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека на состанокот ќе се разговара за реформите, безбедноста, одбраната и усогласувањето со европската надворешна политика.
„Ќе разговараме за проширувањето со Западен Балкан, што може повеќе да направиме за тие да напредуваат со реформите. Исто така ќе разговараме за соработка за да тие можат да се спротивстават на кибер-нападите“, изјави Калас.
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, порача дека е време земјите кандидати од Западниот Балкан да добијат јасен пат кон членство во ЕУ.
„Да се отстранат земјите од Западниот Балкан од сивата зона на Европа и да се претворат во група земји кои имаат јасен пат кон членство“, изјави Муцунски.
Тој додаде дека Македонија е 100 отсто усогласена со европската надворешна и одбранбена политика и побара од земјите членки да се избегне билатерализација на критериумите за членство.
Во меѓувреме, во Никозија се одржува неформален состанок на министрите за европски прашања со земјите кандидати од Западен Балкан, каде што фокусот е ставен на демократијата, владеењето на правото и првиот кластер од преговорите.
ЕУ до крајот на месецот треба да ги објави извештаите за напредокот на земјите кандидати за членство.