Реализацијата на проектот „Градски воз“ ќе значи нов еколошки транспорт за многумина граѓани кои секојдневно патуваат кон центарот на Скопје на потегот од Зелениково, преку Драчево, Лисиче и Аеродром до Транспортниот центар. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник за доградба на ООУ „Јоаким Крчовски“ во општина Ѓорче Петров.
Премиерот појасни дека на реконструираната и електрифицирана пруга возовите ќе можат да се движат со брзина од 80 до 90 километри на час, за разлика од досегашните 20 до 30 километри на час, што значително ќе го скрати времето на патување.
„Цениме дека на овој начин ќе обезбедиме побрз и еколошки транспорт на голем дел од нашите сограѓани. Работиме и на другите две делници – едната од Ѓорче Петров, другата од Илинден, така што очекуваме целиот тој проект до 2027/2028 година да биде целосно заокружен. Ова ќе биде понудено како реална алтернатива за превоз на многумина од нашите граѓани кои од периферијата се движат кон центарот на градот“, изјави Мицкоски.