Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

Заврши реконструкцијата на ГОБ „8 Септември“ – Мицкоски: „Вакви услови нема ни северно од Виена“

Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ доби целосно реновиран оперативен блок, инвестиција вредна 12 милиони евра реализирана преку ТАВ-програмата. Со реконструкцијата се опфатени седум специјализирани операциони сали, одделите за интензивна нега и патологија, административни канцеларии, покривната конструкција, како и клиничките лаборатории и придружните простории.


Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека ова е исклучително значаен проект за македонското здравство, нагласувајќи дека земјата добива најмодерен регионален објект. Како што изјави тој, вакви современи услови „нема ниту северно од Виена“.



„Пред реконструкцијата, во операционите сали се влегуваше со чадор. Кога врнеше, покривот течеше. Она што сега не се гледа, а беше дел од зафатот, е целосната обнова на покривната конструкција каде што се сместени клима-коморите. Тие обезбедуваат третиран воздух со сите потребни параметри – влажност и чистота. Исто така, обновен е и делот со чилерите и другата електромеханичка опрема. Со заокружување на овој проект добиваме целина која е модерна, современа и не постои во регионот, нешто со кое сите граѓани треба да се гордеат“, изјави Мицкоски.


Директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојановски, посочи дека по неколку децении, болницата конечно располага со комплетно реновиран оперативен блок како капитален проект за идните генерации. Тој најави дека реновираниот дел ќе биде пуштен во употреба веднаш по завршување на дезинфекцијата, обуката на вработените и добивањето на потребната употребна дозвола од надлежните институции.



„Новиот оперативен блок би можел да ги преполови листите за чекање, под услов соодветно да се екипираме со кадар“, рече Стојановски, додавајќи дека е неопходна регионализација на услугите преку ротација на персоналот и зајакнување на медицинските центри надвор од Скопје.

Последни теми