На граничниот премин Табановце е спречен обид за нелегален пренос на 500.000 евра во готовина, што претставува најголема заплена на девизи во историјата на Царинската управа. Случајот го соопшти директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, кој појасни дека парите биле скриени во специјално конструиран бункер во минибус.
Обидот за шверц бил откриен на влез во државата, при детална контрола на возилото од страна на Одделението за оперативни работи. Мобилниот тим најпрво забележал преправки на минибусот, по што било пуштено царинско куче кое укажало на индиции за криумчарење. Сомнежите потоа биле потврдени и со скенирање од Службата за мобилни скенери, по што инспекторите од преправениот профил во возилото извадиле 14 проѕирни ќеси полни со евра.
Минибусот бил во сопственост на туристичка агенција од Албанија, а во моментот на контролата во него се превезувале седум патници. Возачот на минибусот, албански државјанин со иницијали Џ. Г., е соодветно гонет, а од Основниот суд во Куманово веќе е изречена и судска пресуда за случајот.
Девизите и возилото се трајно одземени. Парите се предадени во Агенцијата за управување со одземен имот, по што се депонирани во Народната банка и ќе се влеат во државниот буџет. Директорот Николовски најави дека царинските службеници кои учествувале во оваа успешна акција ќе бидат наградени со по 10.000 денари.