Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

Мицкоски: Неделава тендер за гасоводот со Србија, Коридорите 8 и 10 приоритет

Поврзувањето е стратешко позиционирање и цел на Владата, а Коридорите 8 и 10 се стратешки за државата од многу аспекти и затоа се наш најголем приоритет – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски при увидот на активностите за изградба на автопатот Гостивар – Букојчани.


Мицкоски очекува дека набргу ќе се пушти во употреба преостанатиот дел од автопатот Кичево – Охрид, како и гасоводот што треба да ја поврзе државата со Грција во првата половина од следната година. Тој информираше и дека во текот на неделава ќе биде објавен тендерот за гасоводот со Србија.


„Изградба на автопатите, на пругата на Коридорот 8, модернизација на пругата на Коридорот 10, односно брзата пруга. Исто така, и енергетското поврзување преку далноводи. Далноводот кон Албанија го рестартиравме. Со другите соседи сме поврзани на висок напон со далноводи, Србија, Косово, Бугарија и Грција, сега останува Албанија, очекувам и тој проект да биде завршен. Кај поврзувањето со гасната инфраструктура, прилично интензивно се гради гасоводот со Грција, а потоа од оваа недела почнуваме со објавување на тендерот за гасоводот кон Србија, веќе се добиени сите мислења за оваа цевка. Проектот на нафтоводот, кој со децении 'рѓосуваше и беше оставен на забот на времето, сега е функционален и служи за транспорт на нафта, односно поврзување на пристаништето Солун со рафинеријата во Скопје“, изјави Мицкоски.


Кога сето ова глобално ќе биде завршено, потенцира премиерот, тогаш може да се каже дека државата навистина е регионален хаб и дека оттука понатаму ќе се поврзуваат Северна со Јужна Европа, Централна Европа со Медитеранот, како и Јадранското и Јонското Море со Црното Море.


„Како Влада, ќе продолжиме да ги поддржуваме овие проекти и јас очекувам дека многу бргу ќе можеме да го пуштиме делот што ќе го поврзува Кичево со Охрид, но истовремено и гасоводот, кој очекувам некаде во првата половина од следната година да ја поврзе нашата земја со јужниот сосед. Сето ова претставува една амбициозна агенда, но нашиот фокус е сериозен, нашата оптика е силно вперена во овие проекти и така ќе продолжиме во периодот што следува“, најави премиерот Мицкоски.

Последни теми