Премиерот Христијан Мицкоски не даде конкретен одговор на прашањето дали вицепремиерот задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, доаѓа на работа и дали продолжува да прима плата од државниот буџет, иако според информациите во јавноста тој веќе втор месец не се појавува на работното место. Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот само најави дека следната недела ќе одржи заеднички состанок со него.
„Вицепремиерот Арбен Фетаи и јас следната недела ќе имаме состанок. По тој состанок многу работи ќе бидат појасни. Инаку, официјално тој е потпретседател на Владата задолжен за добро владеење“, изјави Мицкоски.
Случајот со отсуството на Фетаи предизвика дополнителни реакции во јавноста бидејќи неговите последни официјални активности датираат од март, а тој не се појави ниту на собраниската седница за пратенички прашања на 18 мај, иако неговото присуство беше најавено како задолжително. На новинарските прашања за тоа дали вицепремиерот зема плата за време на отсуството, од Владата упатија дека одговор треба да се бара од Министерството за финансии.
Премиерот Мицкоски уште во април обелодени дека Фетаи најавил повлекување од владиниот кабинет со намера да ја продолжи кариерата во европските институции во Брисел, при што се споменуваше и негов можен иден ангажман како специјален пратеник. Сепак, додека неговото повлекување не се формализира, во јавноста остануваат отворени прашањата за неговиот статус и користењето на буџетски средства.