Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

„Луфтханза“ трајно ги укинува летовите меѓу Франкфурт и Скопје

Германскиот авиопревозник „Луфтханза“ (Lufthansa) донесе одлука трајно да ја укине директната авиолинија меѓу Франкфурт и Скопје. Со ова, Меѓународниот аеродром Скопје останува без директна врска со еден од најголемите европски авио-хабови.


Во резервациониот систем на авиокомпанијата повеќе не се достапни летови по 31 мај, ниту за остатокот од летната сезона, ниту за претстојниот зимски ред на летање што започнува на 25 октомври. Иако првично беше најавено дека рутата само ќе биде привремено паузирана во текот на јуни, превозникот целосно ги отстрани летовите од продажба. За патниците до Скопје, компанијата сега нуди алтернативни врски преку Виена, со „Аустриан ерлајнс“ (Austrian Airlines), која е дел од истата групација.


Директната линија Франкфурт – Скопје беше воведена на 23 април 2023 година, кога беше најавена како важна рута за патниците од Македонија кон Германија, но и како трансферна врска кон Северна Америка и други далечни дестинации. „Луфтханза“ беше единствениот превозник на оваа релација, додека нискобуџетната компанија „Виз ер“ (Wizz Air) продолжува да оперира до аеродромот Франкфурт-Хан, кој се наоѓа на 125 километри оддалеченост од Франкфурт.


Германскиот превозник првично ја одржуваше линијата со висока фреквенција од десет летови неделно, но во текот на изминатиот зимски период забележа значајни кратења, намалувајќи ги на само три неделни ротации. Кратењето и крајното укинување на линијата доаѓаат како дел од пошироката реорганизација и консолидација на европската мрежа на „Луфтханза груп“.

Последни теми