Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) преку отворено писмо до пратениците побара итно повлекување на новиот Предлог-закон за игрите на среќа од собраниска процедура и отворање на широка јавна расправа. Од асоцијацијата предупредуваат дека доколку предложеното решение биде прифатено без дебата со експертската јавност, индустријата ќе се соочи со економска катастрофа, затворање на легалниот сектор и губење на стотици милиони евра од државниот буџет.
Од АСОМ тврдат дека со затворањето на легалните обложувалници, играњето ќе се пресели на црниот пазар, а ја обвинуваат државата и за обид за воспоставување монопол врз интернет игрите на среќа. Според нив, компаниите членки доследно ги почитуваат прописите, а рестриктивните мерки ги оценуваат како политичка игра. Вработените во овој сектор, организирани преку здружението „Сакам да работам“, веќе најавија предупредувачки протест за в петок, посочувајќи дека новите правила директно ги загрозуваат нивните работни места.
Новиот закон, чиј текст беше утврден од страна на Владата, веќе е доставен до Собранието. Освен предвиденото оддалечување на објектите за игри на среќа на најмалку 500 метри од училиштата, со измените се воведуваат и строги ограничувања и забрани за нивно рекламирање. Пратеничките групи најавија дека допрва ќе го анализираат текстот пред да го изградат конечниот став. Премиерот Христијан Мицкоски неодамна порача дека целта на измените е да се спречи масовната распространетост на овие објекти во градовите, најавувајќи слични законски рестрикции и за пазарот на брзи кредити.