Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судија на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа за 19-годишникот осомничен за убиството на момче од скопското село Бојане. Мерката се бара бидејќи прибирањето на доказите е во тек, а постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци, прикривање на трагите, како и ризик осомничениот да изврши друго кривично дело.
Во однос на убиството на 18-годишното момче во околината на Сарај, обвинителот издаде наредба за обдукција на телото на починатиот, како и наредби за вештачење на траги и за споредбени анализи на оружјето со кое се смета дека е сторено делото.
Постои основано сомнение дека кривичното дело „убиство“, според член 123, став 1 од Кривичниот законик, го извршил 19-годишник од истото село, кој веќе е лишен од слобода. Притворот е побаран со цел да се обезбедат сите докази пред формалното отворање на истрагата.