Пребарај

Зачувани статии

Сè уште немате додадено статии во бележникот!

Разгледај статии

Мерцедес ги продаде сите салони во Берлин – илјадници работни места се под знак прашалник

Германскиот автомобилски гигант „Мерцедес-Бенц“ (Mercedes-Benz) ги продаде сите свои салони во Берлин на канадскиот претприемач Кулдип Билан, сопственик на групацијата „Алфа Авто“, пренесува весникот „Билд“, повикувајќи се на деловни извори.


Во германската престолнина во моментот функционираат седум филијали со околу 1.100 вработени. Со договорот за продажба се опфатени сите објекти, вклучувајќи ги и големите центри во Шпандау и Мариенфелде.


Вработените биле известени за оваа одлука преку електронска пошта, при што им била понудена опција да изберат меѓу паричен надомест (отпремнина) или гаранција за вработување во траење од една година. По истекот на овој период, предвидено е постојните договори да бидат раскинати и да се склучуваат нови со новиот сопственик.


Според достапните информации, понудените отпремнини достигнуваат износ до 30.000 евра. За наредниот период е најавен и официјален состанок на вработените, кој се смета за клучен за понатамошниот развој на ситуацијата.


Овој потег е само дел од пошироката стратегија на „Мерцедес-Бенц“, кој наводно планира да ги продаде своите салони и во други големи германски градови како Хамбург и Минхен, како и во регионот Рајна-Рур. Овие промени би можеле директно да влијаат врз вкупно 8.000 работни места.


Дополнителна загриженост предизвикува неизвесноста околу тоа дали новиот сопственик ќе ги почитува досегашните колективни договори за плати и работни услови. „Билд“ потсетува дека вработените во берлинските салони во изминатите две години водеа интензивна кампања за да ја спречат оваа продажба, но нивните напори останаа без успех.

Последни теми