Во австрискиот град Салцбург е уапсен 36-годишен државјанин на Македонија под сомнение дека учествувал во брутален грабеж во Германија, по кој починал 93-годишен маж. Осомничениот бил баран со европска потерница, а австриската полиција го привела во населбата Елизабет-Форштат, по што е спроведен во затворот во Пух-Урштајн.
Според истрагата, случајот е поврзан со грабеж што се случил за време на првиот мајски викенд во германскиот град Келн. Тогаш неколку лица провалиле во домот на 93-годишниот маж, физички го нападнале и ја пребарале куќата, по што побегнале со пленот. Неколку дена подоцна, жртвата била пронајдена почината од неговите деца, а обдукцијата покажала дека смртта настапила како последица на тешките повреди здобиени при нападот.
Германските власти претходно уапсиле уште двајца осомничени на возраст од 30 и 59 години, додека по 36-годишниот македонски државјанин се трагало со меѓународна потерница. Во тек е координација меѓу австриските и германските институции за спроведување на постапката за негова екстрадиција.